Советот на гувернери на Агенцијата на ОН за нуклеарна енергија (МААЕ) за в среда свика итна седница поради агресијата врз Украина, каде работат четири нуклеарни централи и има огромни капацитети за складирање на нуклеарен отпад, вклучувајќи го и оној во Чернобил.
Состанокот е свикан на барање на Украина, која не е членка на Советот, велат дипломатите.
Земјите-членки на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), што не се во Советот, како што е случајот со Украина, може да побараат свикување на ова тело.
„Бордот на гувернери на МААЕ ќе одржи состанок в среда за да разговара за актуелната ситуација во Украина“, се наведува во соопштението.
Темата на состанокот беше „Безбедноста, издржливоста и последиците од ситуацијата во Украина“, изјави дипломат за британските медиуми.
Откако Русија во четвртокот утрината ја нападна Украина директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, изрази загриженост и „ги повика сите страни да се воздржат од мерки или дејствија што можат да ја загрозат безбедноста на нуклеарниот материјал и безбедното работење на нуклеарните постројки“.
Руските сили во петокот го зазедоа Чернобил, на околу 70 километри од Киев, каде се наоѓа затворената нуклеарна централа што во 1986 година беше средиштето на најголемата нуклеарна катастрофа, а по нивното пристигнување таму дојде до драстично зголемување на нивото на радијација, поради движењето на тешкото воооружување што веројатно во воздухот крена радиоактивна прашина.
Персоналот што работи во Чернобил треба да има право на редовен одмор, предупреди МААЕ во саботата, што значи дека смените мора да се менуваат за да се осигури безбедноста на централата.
Извор: МИА