Чешкиот премиер Бохуслав Соботка изјави дека безбедносниот систем на земјата е поставен добро, но додаде дека сепак ревизијата на националната безбедност покажала недостатоци кои треба да се решат.
Ревизијата била побарана од негова страна, по терористичките напади во Европа минатата година, траела една година и денеска извештајот беше објавен на Интернет страницата на Владата, јави дописникот на МИА од Прага.
Безбедносната ревизија имала за цел да ја провери подготвеноста на земјата да се соочи со актуелните сериозни безбедносни закани, како и нејзината способност при директна конфронтација со опасност.
– Резултатите од ревизијата беа доста позитивни. Безбедносниот систем на Чешка во основа е поставен добро. Заканите кои се обработувани подолг период се опфатени и не бараат големи промени, оцени Соботка.
Соботка изрази надеж дека резултатите од ревизијата ќе бидат прифатени на Владина седница и дека недостатоците кои ревизијата ги открила постепено ќе се решаваат.