Сноуден – тежок залак за Берлин

Од:

Дојче веле – Бон

Дали Анкетната комисија на Бундестагот ќе може да поставува прашања на Едвард Сноуден? Една одлука на Сојузниот суд за правда сега ја принудува германската влада јасно да се изјасни за тоа дали ќе создаде правни предуслови за тоа или нема.

Анкетната комисија на Бундестагот која ја истражува аферата околу активностите на американската тајна служба НСА и нејзините односи со германската служба БНД, во мај 2014 година едноставно одлучи да го повика Едвард Сноуден да сведочи. Но, прашањето беше: каде да се сослуша Сноуден?

Мнозинството од Комисијата беа за видео-врска со него на неговата локација во Русија, но Сноуден одби да зборува за тоа на руско тло. Двајца членови на Комисијата сакаа тој да сведочи во Германија. Тој би се согласил на тоа, кога Владата во Берлин ќе му пружи заштита, т.е. ќе му издаде дозвола за престој и ќе му гарантира дека нема да го испорача на Соединетите Американски Држави, каде тој се гони кривично.

Владата мора да се изјасни

Двајцата наведени членови на Комисијата поднесоа барање во кое стои дека „Од германската влада се бара неодложно да создаде услови да се сослуша сведокот Едвард Сноуден во Германија (посебно да му се овозможи влез во земјата и престој во неа, како и да му се гарантира делотворна заштита од испорачување)”. Мнозинството членови на Анкетната комисија не го поддржаа ова барање, па Комисијата (како целина) поради тоа не се обрати до владата. Но, двајца членови на Комисијата, Константин фон Нок (Сојуз90/Зелените) и Мартина Ренер (Левицата) решија да се обратат до судот.

Истражниот судија на Сојузниот суд за правда го разгледа нивното барање и соопшти дека необраќањето до владата не било исправно бидејќи мнозинството во Комисијата не објасниле зошто сослушувањето на Сноуден повеќе не го сметаат за потребно. Затоа сега Комисијата мора да се согласи со барањето на двајцата членови и да побара помош од Владата. Меѓутоа, судот не ја обврза Владата да овозможи сослушување на Сноуден во Германија. Тој само одлучи дека Владата мора да се изјасни за тоа.

Германија и САД имаат свој договор…

Тоа за владата е тешка правна дилема со сомнителна политичка позадина. Барањето за азил на Сноуден мора да се поднесе во Германија, а дозвола за престој може да добие само ако Министерството за внатрешни работи дозволи негово влегување во земјата, „со цел за зачувување на политичките интереси на Сојузна Република Германија” (параграф 22 од Законот за престој на странци во Германија). Но, таквата дозвола за престој нема да го заштити Сноуден од испорачување на САД.

ЕУ и САД склучија Договор за испорачување, а од порано постои и посебен билатерален договор на Германија и САД. Во него пишува дека испорачувањето може да биде спречено ако на дотичното лице му се заканува смртна казна или тоа за што е обвинето се смета за „политичко кривично дело”. Значи, на некои од тие причини Владата во Берлин мора да се повика, ако сака да го спречи испорачувањето на Сноуден во Вашингтон. Ако Владата се одлучи да не „помогне” на Анкетната комисија на Бундестагот, членовите на Комисијата кои тоа го бараат, ќе можат да се обратат и до Уставниот суд.

Би можело да ве интересира

Шпигел: Пратениците на СПД не го сакаат Шолц за кандидат за канцелар туку Писториус

Захарова ја повика Германија да го укине статусот на почесен граѓанин на нацистите

Горан Наумовски

Германија има хроничен недостиг од возачи на камиони: „Ни требаат уште 100.000“

Шолц ќе побара гласање за доверба на владата на 11 декември

Малолетник планирал терористички напад во Германија: Сакал да го спроведе пеколниот план за време на божиќните празници

Марија Захарова: Политичкиот систем на Германија е класична „банана република“