Американската телевизија Ен-би-си вчера емитуваше интервју со Едвард Сноуден, пребегнатиот американски разузнавач, кој откри детали за техничките можности на американското разузнавање, а зборуваше и за мотивите поради кои пребега во Русија.
Сноуден изјави дека американската служба НСА, но и било која посериозна разузнавачка служба, може целосно да го преземе било кој мобилен телефон, или во реално време да ја следи комуникацијата преку компјутер.
– САД добиваат подобри информации од компјутери отколку од луѓе. Јас сепак бев обучен како класичен шпион, живеев во странство под лажен идентитет, и работев за ЦИА, за НСА, како и за Армиската разузнавачка агенција, при што научив методи како да ги кријам податоците кои ги имам.
НСА, руското, кинеското разузнавање, и било која служба во светот која има значителни финансиски средства и сериозен технолошки тим, може да го преземе телефонот во моментот кога тој ќе се поврзе на мрежа. Може да го користи како микрофон, да прави фотографии со него, и да ги собере податоците од него. Дури и да правите нешто што мислите дека е невино, и не криете ништо, работите собрани од вашиот телефон може да се поврзат на начин кој ќе ви се нанесе штета, дури и ако Владата не сака тоа да го направи, изјави Сноуден. Тој рече дека најголем впечаток му оставила можноста на НСА да ја следи работата на компјутер на било кој поединец во реално време, дури можејќи да види ја види одредена пораката додека авторот ја пишува и ја менува.
Според Сноуден, ова е начин да се набљудува дури и во мисловниот процес на граѓаните. Пребегнатиот разузнавач, во разговорот со новинарот Брајан Вилијамс, истакна дека не однел никакви тајни информации во Русија, пред се за да се заштити самиот себеси. Сноуден вели дека не планирал да пребега во Русија туку во Јужна Америка, но поради одземањето на неговиот пасош бил принуден да бара руски азил.
– Русија има многу професионална безбедносна служба. Јас се заштитив од опасноста Русите да ми ги кршат прстите да им кажам нешто така што ги уништив материјалите кои ги имав пред да дојдам тука. Не носам материјали со мене, не донесов ништо во Русија, и не би можел електронски да пристапам до материјалите. Ако дојдев тука изгледајќи како птичката Џив Џив од цртаните филмови, а тие се мачката Силвестер, тоа ќе беше многу опасно за мене, изјави Сноуден додавајќи дека документите кои ги однел од архивата на НСА ги имаат неговите соработници Лара Поитрас и Глен Гринволд, кои веќе објавија голем број податоци за следењето на американските граѓани и европските и светските политичари од страна на НСА.
Сноуден откри дека потекнува од семејство на безбедносни офицери и воени ветерани, и бил длабоко погоден од терористичкиот напад на 11 септември 2001 година, кога бил во Вашингтон, а неговиот дедо бил во Пентагон. Поради тоа и се пријавил во армијата на САД, но морал да се повлече откако ги скршил двете нозе.
Десетина години минал повеќе нивоа во НСА и другите американски безбедносни служби, и притоа работел не само како аналитичар, како што обично е претставуван, туку и како теренски офицер. Но, постепено запознавајќи го обемот на американските разузнавачки активности, и лажното претставување на фактите пред јавноста како пред војната во Ирак, го натерало Сноуден да почне да протестира првин до неговите претпоставени, а потоа и да реши да побегне од САД.
– Јас сериозно ја сфаќам заканата од тероризмот. Нечесно е што Владата ја експлоатира националаната траума од 11 септември, која сите заедно ја претрпевме, за да оправда програми кои воопшто не прават да бидеме побезбедни, туку ги нагризуваат нашите слободи од кои не требаше никогаш да се откажеме, изјави Сноуден, кој додаде дека се уште се чувствува како патриот кој работи во интерес на САД – терајќи ги американските власти да ги реформираат безбедносните служби. Во пресрет на интервјуто со Сноуден, државниот секретар на САД Џон Кери го повика пребегнатиот разузнавач да “биде маж” и да се врати во САД и да се соочи со судството.
– Крајната линија е, овој човек ја предаде својата земја, седи во Русија, во автократска земја во која побара азил. Треба да биде маж и дасе врти во САД. Ако има поплаки на работи кои се погрешни во американското разузнавање, нека дојде тука пред нашиот судски систем, и да го претстави својот случај, изјави Џон Кери. Сноуден, во разговорот за Ен-би-си, рече дека нема намера тоа да го стори, затоа што не верува дека ќе има можност за фер судење во САД.