Поранешниот соработник на американската Национална безбедносна агенција (НСА), Едвард Сноуден, денеска ја поздрави одлуката на британскиот суд да не го испорачува Џулијан Асанж на САД и изрази надеж дека таа одлука ќе означи крај на гонењето на основачот на Викиликс.
Сноуден, кој се крие во Русија поради тоа што во родната земја се товари за издавање државни тајни и кражба на владина сопственост и се соочува со можна казна од 30 години затвори, напиша на Твитер: „Да се надеваме дека ова е крајот (на овој случај)“.
Британската судијка Ванеса Бараитсер претходно денеска соопшти дека основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (49) нема да биде екстрадиран во САД по обвинението за шпионажа , објаснувајќи дека тоа би била репресивна мерка поради неговата психичка состојба. Таа истакна дека Асанж најверојатно би извршил самоубиство доколку биде испратен во САД.
Американската администрација соопшти дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Обвинителството во САД го обвини Асанж по 17 точки, како и една дека ја злоупотребил употребата на компјутерите околу објавите на Викиликс на воени и дипломатски документи пред една деценија.
Обвиненијата против него би можеле да му донесат и потенцијална затворска казна од 175 години.
Адвокатите на Асанж застанаа во негова одбрана со аргументи дека тој се однесувал како новинар и се повикал на Првиот амандман, кој особено ја нагласува слободата на говорот, за објавување документи што ги откриваат наводните незаконски дејствија на американската армија во Ирак и Авганистан.