Славој Жижек. Кој е најлош?

Од:

Пешчаник – Белград

Она што Макс Хоркхајмер уште во 30-те години од минатиот век го рекол за фашизмот и капитализмот – дека тие кои не сакаат критички да зборуваат за капитализмот требале да молчат и за фашизмот; може да се примени и на денешниот фундаментализам: тие кои не сакаат критички да зборуваат за либералната демократија, треба да молчат и за верскиот фундаментализам.

Сега, додека сите сме потресени од убиствата во редакцијата на Шарли Ебдо, е вистинско време да собереме храброст и да размислиме. Секако дека недвосмислено треба да се осудат убиствата како напад на самата суштина на нашите слободи и тоа без никакви скриени приговори (дека Шарли Ебдо сепак премногу провоцирал и ги понижувал муслиманите), но дното на универзалната солидарност не е доволно – треба да се оди подлабоко.

Треба да се избегне евтината релативизација на злосторствата (старата мантра – кои сме ние западњаците, вршители на страшни злосторства во Третиот свет, да судиме за тие недела?), а уште повеќе патолошкиот страв на многу западни леви либерали од исламофобијата. Тие лажни левичари секоја критика на исламот ја осудуваат како израз на западна исламофобија; Салман Ружди е осакатен бидејќи непотребно ги провоцирал муслиманите и така станал, барем делумно, заслужен за осудата на смрт, итн. Последиците на таквиот став се сосема неочекувани: колку повеќе западните либерали ќе се чувствуваат виновни, толку повеќе муслиманските фундаменталисти ќе ги обвинуваат дека се лицемери кои ја кријат својата омраза кон исламот. Оваа констелација совршено го одржува парадоксот на супер его: колку повеќе се повинувате на барањата на Другиот, се повеќе сте виновни. Т.е. колку повеќе сте толерантни кон исламот, толку притисокот на вас ќе биде посилен…

Поради тоа сметам дека повиците на умереност, како што е од Сајмон Џенкинс од Гардијан на 7 јануари, не се доволни. Тој тврди дека – не смееме да претеруваме давајќи преголем публицитет на последиците, туку дека секој ваков настан треба да го третираме како спорадичен случај на ужас. Но нападот на Шарли Ебдо не беше спорадичен стравичен случај, туку дел од прецизна верска и политичка агенда и како таков дел од многу пошироки размери. Секако дека не треба да се претерува – под претерување подразбирам слепа исламофобија; но тој образец мора да биде изложен на немилосрдна анализа.

Уништувањето на тој демонски мит многу е попотребно од сатанизација на терористите како самоубиствени фанатици. Фридрих Ниче уште одамна увидел дека западната цивилизација се движи во правец на Последниот човек, зачмаено битие без големи страсти и посветеност. Неспособен да сонува, а уморен од животот, тој не ризикува туку бара удобност и сигурност. – Прво, понекогаш малку отров за пријатни соништа, а на крај многу отров за лесна смрт. Имаме свои мали дневни и ноќни задоволства, но водиме сметка за здравјето. Ја откривме среќата, велат Последните луѓе и милно трепкаат.

Многу е веројатно дека јазот меѓу попустливиот Прв свет и фундаменталистичките реакции на него и понатаму ќе се продлабочува со спротивставување на долгиот и комотен живот исполнет со материјални и културни добра со животот посветен на некаква возвишена Цел. Нели е тоа антагонизам меѓу Ничевиот пасивен и активен нихилизам? Токму ние западњаците сме тие ничеански Последни луѓе потонати во ситни дневни задоволства, додека радикалните исламисти во својата борба до самоуништување, подготвени да ризикуваат се. Песната Второ доаѓање на Вилијам Батлер Јејтс, совршено ги опишува нашите неприлики: Најдобрите останаа без верба, а најлошите се полни со страствена силина.

Тоа е одлична слика на тековниот јаз меѓу анемичните либерали и страствените фундаменталисти. Најдобрите повеќе не се во состојба да се ангажираат, додека најлошите горат во расистички, верски и сексистички фанатизам.

Но, дали фундаменталистичките терористи навистина се вклопуваат во оваа слика? Она што очигледно им недостасува е особина која лесно може да се препознае кај сите автентични фундаменталисти, од тибетантските будисти до американските амиши: отсуство на гнев и завист и длабока рамнодушност кон неверничкиот начин на живот. Ако денешните таканаречени фундаменталисти навистина веруваат дека го нашле својот пат до вистината, зошто би се чувствувале загрозени од неверниците, зошто би им завиделе? Кога будист ќе сретне западен хедонист, тој не го осудува, само добронамерно ќе забележи дека неговата потрага за среќа е осудена на пропаст. Наспроти вистинските фундаменталисти, псеудо-фундаменталистичките терористи, длабоко ги пече, интригира и фасцинира грешниот живот на неверниците.

Во нивната борба против грешното на Другиот, јасно се препознава и нивна борба со сопствените искушенија.

Тука Јејтсовата дијагноза станува недоволна да ги објасни нашите неволји; страственоста на терористите сведочи за отсуство на вистинско верување. Колку е слабаа таа вера кога може да ги погоди глупава карикатура во сатиричен весник? Фундаменталистичкиот исламски тероризам не се темели на уверување на терористите за сопствената надмоќ и желба да го заштитат својот културен и верски идентитет од нападите на глобалната потрошувачка цивилизација.

Проблемот со фундаменталистите не е во тоа што ние ги сметаме за инфериорни, туку за тоа што тие сами така се чувствуваат. Затоа нашите политички коректни гаранции да не се сметаме за супериорни во однос на нив, само уште повеќе се разгоруваат и го хранат нивниот гнев. Проблемот не е во културолошката разлика (со нивните напори да го зачуваат својот идентитет), туку токму спротивно: фундаменталистите се веќе исти како нас, тие скришно веќе ги усвоија нашите стандарди и се одредуваат према нив. Парадоксално, она што на фундаменталистите навистина им недостасува е токму доза на вистиснко расистичко уверување во сопствената супериорност.

Неодамнешните пресврти во исламскиот фундаментализам ја потврдуваат старата забелешка на Валтер Бенџамин дека секој подем на фашизмот е сведоштво на неуспешна револуција: подемот на фашизмот е неуспех на левицата, но и доказ дека постоел револуционерен потенцијал, незадоволство кое левицата не била во состојба да го мобилизира. Истото важи и за т.н. исламски фашизам. Подемот на радикалниот исламизам директно е предизвикан од немање на секуларна левица во муслиманските земји, Кога во 2009 година талибанците ја заземаа долината Сват во Пакистан, Њујорк тајмс извести дека тие планирале класна побуна темелена на длабок јаз меѓу малиот број на богатите земјопоседници и и тие што закупувале земја.

Меѓутоа, ако талибанците ја користат лошата положба на селаните за да го свртат вниманието на Пакистан, кој сеуште е феудален, што либералните демократи и во Пакистан и во САД ги спречува тоа да го искористат на сличен начин и да се обидат да помогнат на тие без земја? Во сето тоа најтажно е тоа што феудалните сили во Пакистан се природни сојузници на либералната демократија…

Каде тогаш исчезнаа суштинските вредности на либерализмот: слободата, еднаквоста, итн? Парадоксот е во тоа што самиот исламизам не е доволно силен да ги спаси од нападите на фундаментализмот. Фундаментализмот е реакција, секако лажна, која цели во ахиловата пета на либерализмот и затоа токму либерализмот секогаш од ново го генерира фундаментализмот. Препуштен на себе, либерализмот постепено ќе исчезнува, а единствено што може да ги спаси неговите суштински вредности е обновена левица. За да преживее тоа клучно наследство, на либерализмот му треба братска помош од радикалната левица. САМО ТАКА може да се порази фундаментализмот, да му се извлече тлото под нозете.

Да се размислува за одговор на париските убиства, значи да се отфрли филистарското самозадоволство на попустливиот либерал и да се прифати фактот дека судирот меѓу либералната попустливост и фундаментализмот всушност е лажен конфликт – маѓепсан круг во кој два спротивни полови взаемно генерираат и условуваат. Она што Макс Хоркхајмер уште во 30-тите години од минатиот век го рекол за фашизмот и капитализмот; дека тие кои не сакаат критички да зборуваат за капитализмот треба да молчат и за фашизмот, може да се примени и на денешниот фундаментализам: тие кои не сакаат критички да зборуваат за либералната демократија, треба да молчат и за верскиот фундаментализам.

Би можело да ве интересира

Околу 7.000 деца чии родители се осомничени џихадисти се заробени во кампови во Сирија

А1он

Двајца џихадистички лидери загинаа во амерканска акција во Сирија

Во Нигерија се удавиле околу 100 џихадисти кои бегале од офанзива на армијата

Француска армија соопшти дека во Мали се убиени околу 30 џихадисти

А1он

Џихадисти во Нигерија киднапираа 20 деца

А1он

Во Истанбул уапсени 19 џихадисти на ИД

Ана Ололовска