Премиерот на Сингапур, Ли Хсиен Лунг денеска изјави дека неговата влада наскоро ќе го укине деценискиот закон, со кој се криминализира сексот помеѓу мажи.
– Владата ќе го укине тој закон и ќе го декриминализира сексот меѓу мажите. Верувам дека тоа е вистинската работа и нешто што повеќето Сингапурци ќе го прифатат, посочи Ли.
Тој додаде дека ќе продолжи да го брани ставот дека бракот е заедница помеѓу маж и жена.
Законот останат од британското колонијално владеење, предвидува максимална казна од две години затвор за хомосексуални дела. Законот не се спроведува во пракса, но поборниците за правата на хомосексуалците истакнуваат дека продолжува да ги негира правата на членовите на геј заедницата, и покрај сè помодерната култура во Сингапур.
Извор: МИА