Владата на Сингапур соопшти денеска дека издвојува пакет економска помош во борбата против коронавирусот.
За таа цел од буџетот ќе бидат издвоени 8,3 милијарди американски долари, изјави сингапурскиот вицепремиер и министер за финансии Хен Сви Кит пред Парламентот.
Од таа сума околу 3,6 милијарди долари ќе бидат наменети во областа на здравството, вклучително во програмата за вакцинација на населението, која е бесплатна за сите граѓани. Други 3,7 милијарди долари ќе бидат наменети за задржување на работните места и поддршка на локалниот бизнис.
– Посебна транша од 906 милиони долари ќе бидат насочени кон секторите кои се најпогодени од рецесијата, а тоа се авијацијата, културата, спортот и туризмот, нагласи Хен Сви Кит.
Минатата година Сингапур потроши околу 70,3 милијарди долари или речиси 20 проценти од својот бруто домашен производ за борба против социоекономските последици од пандемијата.