Работодавачите би требало да се принудат со колективните договори да ги образоваат своите вработени во однос на меѓуетничките прашања и ЛГБТ-правата.
Со такво барања истапува една од поголемите шведски синдикални организации, „Висион“, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
– Ние што работиме во јавниот сектор имаме задача да го подобриме и да им го олесниме животот на граѓаните. Во таа смисла е важно да имаме компетенција да им понудиме еднаков сервис на сите. Моментно забележуваме пропусти на многу места, вели Маркус Густавсон, претседател на синдикатот „Висион“ во Гетеборг.
Овој синдикат веќе подолг период се обидува да ги вклучи ЛГБТ-првата и прашањата поврзани со таа проблематика на централно ниво во колективните договори, но без резултат досега.
Сега, наместо тоа, „Висион“ настојува одредбите во оваа област да бидат вклучени на локално ниво во повеќе избрани општини во земјата.
Во прва рака напорите се насочени кон Гетеборг, втора по големина шведска општина, каде што поддршка на иницијативата на „Висион“ изразуваат и други големи синдикални сојузи, како, на пример, Сојузот на наставниците и на здравствените работници, пишува весникот „Гетеборг-постен“.