Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска ги повика своите сонародници да бидат покритични и поактивни во борбата против расизмот.
– Колку и да гледаме со загриженост кон САД, не можеме да жалиме за смртта на Џорџ Флојд, а да молчиме за расизмот во нашата земја. Не е доволно само да не бидеме расисти. Мора да бидеме антирасисти”, рече претседателот Штајнмаер во Берлин на дискусија за расизмот.
Тој оцени дека Германија не е секогаш и секаде центар на толеранцијата.
– И тука луѓето се исклучени, ги напаѓаат и им се закануваат бидејќи некоја карактеристика ги идентификува како припадници на малцинство – затоа што имаат темна кожа, носат традиционална еврејска капа, се молат во џамија или едноставно изгледаат поразлично од мнозинството, рече германскиот претседател.
Според него, антирасизмот мора да се учи, практикува и живее.
– Расизмот бара да се заземе став против него, да се разговара за него, да се преземе акција и да се критикува, а најважната и можеби најтешката работа е самокритичноста и самовреднувањето, додаде Штајнмаер.
Официјалното германско тело за надзор на борбата против дискриминацијата соопшти дека во 2019 година биле примени 1.176 поплаки за расизам, што претставува зголемување од 10 проценти во однос на претходната година.
Во Германија се одржаа неколку антирасистички протести по смртта на Флојд на 25 мај во Минеаполис.