Шефот на дипломатијата на Австрија, Михаел Шпинделегер изрази разочарување од изјавата на германскиот канцелар Ангела Меркел дека во овој момент ЕУ нема да донесува одлуки започеток за пристапни преговори со држави-кандидати, оценувајќи дека “сериозниот умор од проширување“ ќе и се врати на Европа како бумеранг.
Тој потсети дека ЕУ се обврзала за продолжување на процесот за ширење под услов државите да исполнат реформи и „тоа ветување мора да се исполни“, наведувајќи дека во спротивно Турција или Русија би се обиделе да шират свое влијание врз тие држави.
Според Пресе, Западен Балкан може да стане жртва на нерешената финансиска и должничка криза во ЕУ. Весникот додава дека перспективата за влез во ЕУ на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора за кој се залага Австрија, речиси не е можно да се одржи како веродостојна.
– Во основа тоа се популистички аргументи дека жителите не сакаат понатамошно проширување, изјави Шпинделегер за весникот.
– Без изгледи за членство, тие реформи би застареле и тоа не може да биде во интерес на ЕУ, наведува Шпинделегер.
Тој гледа и проблем за Австрија во се поголемиот отпор за ширењето.
– Вклучување на државите од регионот во ЕИ трајно би ги осигурало австриските инвестиции кои се околу 2,8 милијарди евра од 2000 година, вели тој.