Венецуелскиот министер за надворешни работи Диосдадо Кабело објави дека властите уапсиле шест странски државјани, вклучително и член на елитната единица за специјални операции на американската морнарица SEAL, за наводен заговор на ЦИА за дестабилизација на латиноамериканската земја.
Кабело тврди дека целта на ЦИА е да го убие претседателот Николас Мадуро, додека Стејт департментот ги отфрли овие наводи, пренесува Си-Ен-Ен.
На прес-конференција, Кабело го идентификуваше наводниот американски специјален агент како Вилијам Џозеф Кастанеда Гомес, велејќи дека тој е водач на операцијата.
Министерот ги спомна и имињата на уште двајца приведени Американци – Дејвид Естреља и Арон Барет Логан.
Кабело додаде дека се уапсени и двајца шпански државјани, Хозе Марија Басоа Валдовинос и Андрес Мартинез Адасме, како и Чехот Јан Дармовзал.
Венецуелските власти заплениле и 400 американски пушки поврзани со наводниот заговор.
„ЦИА е на чело на оваа операција. Тоа воопшто не не изненадува“, рече Кабело на прес-конференција, тврдејќи дека е вклучен и Националниот разузнавачки центар на Шпанија.
Тој изјави дека операцијата имала „многу јасни цели да го убие претседателот Николас Мадуро“ и други високи венецуелски политичари, вклучително и потпретседателот и Кабело.
Стејт департментот ги отфрли тврдењата, но потврди дека припадник на американската војска бил уапсен во Венецуела и дека канцеларијата била „свесна за непотврдените извештаи за приведени уште двајца американски државјани“ во таа земја.
„Сите тврдења за вмешаност на САД во заговорот за соборување на Мадуро се категорични лаги. САД продолжуваат да го поддржуваат демократското решение на политичката криза во Венецуела“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.