Шест лица за кои се сомнева дека им припаѓаат на џихадистичка мрежа беа уапсени денеска во регионот на Рулуз и Алби, јавува дописникот на МИА од Париз.
Операцијата ја изврши антитерористичкиот оддел на обвинителството од Париз, откако беше отворена истрага за „здружување на криминалци и терориосри и финансирање на тероризмот“, се вели во соопштение.
Пет од лицата беа уапсени во Алби, додека шестото во Тулуз.
Сите се на возраст од триесет години. Постојат сомневања дека префрлале пари и регрутирале кандидати за џихад. Истражните органи проверуваат дали некои од нив биле веќе во Сирија.
Истрагата за таа мрежа е отворена од јануари 2014 пред да му биде доверена на истражен судија во август годинава.
Во моментов во Франција се водат повеќе истраги за различни канали кои регрутираат и пренесуваат кандидати за џихад од регионот на Тулуз.
Минатата година во едно село близу до Тулуз, кое им служеше како база, беа уапсени повеќе лица блиски на Мохамед Мера, терористот кој уби седум лица од кои три деца во едно еврејско училиште во 2012 година.
Денешната акција на француската тајна полиција се случува само пет дена по апсењето на осум лица во парискиот регион поради слични обвинувања.
На 19 јануари обвинителот на Париз, Франсоа Молин соопшти дека 1280 лица биле или на пат или во зоната или се вратиле од џихад во Франција.
Во моментов се водат над 100 истраги во Париз поврзани со заминувања во Сирија.
Според обвинителот на Париз, до средината на јануари 125 лица биле обвинети во овие предмети, бројки кои сигурно ќе бидат поголеми по апењата во последниве денови.