Шест американски авиони Ф-15 денеска слетаа во воздухопловна база во Естонија и до крајот на следната недела тие ќе бидат распоредени, бидејќи НАТО го зајакнува своето источно крило во страв од можен руски напад врз Украина.
НАТО пред два дена соопшти дека ги става сите свои сили во зголемена готовност и ја зајакнува Источна Европа со бродови и борбени авиони, што Русија го оцени како ширење западна „хистерија“.
Во соопштението не се спомнуваат американските борбени авиони што ќе бидат распоредени во Естонија.
-До крајот на следната недела ќе бидат распоредени шест борбени авиони, изјави портпаролот на воздухопловната база „Амари“ во Естонија.
Авионите Ф-15 ќе ја унапредат мисијата на НАТО „Baltic Air Policing“, соопшти сојузничката воздушна команда на НАТО.
Балтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија, некогаш управувани од Москва, а сега дел од НАТО и Европската унија, не управуваат борбени авиони и се потпираат на надзорот на НАТО врз нивниот воздушен простор.
НАТО претходно соопшти дека Данска утре ќе испрати четири борбени авиони Ф-16 во блиската летонска воздухопловна база во Шиаулиаи.
„Планот е да се соработува со другите сојузнички земји на Балтикот, да се вежбаат маневри воздух-воздух и воздух-земја, покрај мисиите за „Air policing“, се додава во соопштението на сојузничката воздушна команда.
Тензиите се зголемија откако Русија собра околу 100.000 војници во близина на границата со Украина и ја опколи на север, исток и југ.
Извор: МИА