Седумгодишно момче предизвикало пожар во трговскиот центар „Космополитен“ во Киев, а полицијата покренала кривична постапка против намерно уништување или оштетување на имот.
Пожар во игротеката на трговскиот центар во населбата Соломјан бил пријавен во саботата вечерта, а преку увид на лице место и обработка на снимки од внатрешни камери за надзор, полицијата во соработка со службата за обезбедување на трговскиот центар утврдила дека пожарот е намерно потпален од седумгодишно момче, посетител на игротеката.
Родителите заедно со детето биле повикани во полиција да дадат изјава, пренесува Укринформ.
Пожарот бил изгаснат по речиси два часа на површина од 50 квадратни метри, а од трговскиот центар биле евакуирани околу 200 лица.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека двајца возрасни и едно осумгодишно дете се пожалиле дека се затруле од чад.
Полицијата ги повика граѓаните да комуницираат со своите деца и да им ги објаснат правилата за ракување со пожар и запаливи материјали.