Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, објави Ројтерс повикувајќи се на неименуван извор од германската влада.
Разговорот траел околу еден час, а двајцата разговарале денеска во текот на утрото.
Владимир Путин и Олаф Шолц последен пат разговарале на телефон во декември 2022 година.
„Рускиот претседател Владимир Путин и германскиот канцелар Олаф Шолц планираат да одржат телефонски разговор во петок, според лице запознаено со ситуацијата, кое зборуваше под услов да остане анонимно“, пишува Блумберг.
„Да, решив да разговарам со рускиот претседател во вистински момент. Но, јас сум одговорен политичар, не го правам тоа сам“, изјави Шолц пред неколку дена за јавниот сервис АРД.
Тој додаде дека разговорот со Путин бара бројни контакти и разговори со други, како и дека за овој проблем треба да се разговара и со Украина.
На прашањето кога би било вистинското време за разговор со Путин, Шолц одговори дека ќе биде „наскоро“.
„Мора да се осигура дека Украина може да се потпре на нас и на другите и да не се плаши дека е сама. И во исто време правиме се што можеме за да спречиме ескалација на оваа војна“, рече Шолц.
Тој додаде дека „тие“ треба да одлучат дали војната ќе продолжи на неодредено време или дали може да се најдат начини да се стави крај.
Шолц веќе ја покажа својата подготвеност да разговара со Путин за праведен мир во Украина во средината на октомври.
Германскиот канцелар постојано бараше дипломатско решение и повлекување на руските војници од Украина.
Официјална Москва на почетокот на октомври објави дека Путин е отворен за дијалог, дури и ако односите со Берлин се „на нула“. Путин и Русија многупати кажаа дека преговори и договор за мир може да се постигнат само со почитивање на ситуацијата на теренот, што значи дека Москва не само што не планира да се повлече од териториите во Украина туку и бара дополнителна територија.