Обединетата команда на воената операција против јеменските шиитски бунтовници Хути, што ја прогласи Саудиска Арабија, ги предупреди странските бродови да не се приближуват до пристаништата на Јемен.
Претходно беше соопштено дека претседателот на САД Барак Обама бил информиран на највисоко ниво за подготвуваната операција. Обама одобрил пружање на логистичка и разузнавачка помош на операцијата во Јемен, предводена од Ријад, соопшти Белата куќа.
За таа цел е формиран Центар за заедничко планирање на САД и Саудиска Арабија за да се координира разузнавачката и логистичката поддршка.
Вашингтон ќе продолжи да ги следи и активностите на филијалата на Ал Каеда во Јемен за закани против САД и нивните граѓани и ќе презема дејствија за нивно спречување, се додава во соопштението.
По заземањето на јеменското Биро за национална безбедност, кое работеше заедно со ЦИА и други американски раузнавачки агенции, Хутите успеале да добијат пристап до документи, кои содржат информации за антитерористички операции поддржани од САД и за лицата кои доставувата информации за тие операции, објави весникот „Лос Анџелес тајмс“.
Загубата на разузнавачките податоци имала голема улога во донесувањето на одлуката на Обама за евакуирање на останатите американски дипломатски службеници од Јемен за време на викендот.