Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос, кој денеска ја доби Нобеловата награда за мир, изјави дека таа ќе биде „голем поттик“ за напорите на Колумбијците да стигнат до мирот.
– Пораката е дека треба да истраемо и да стигнеме до крајот на оваа војна. Многу, многу сме блиску, треба само уште малку да се потрудиме. Ова (наградата) ќе биде голем поттик да се стигне до тој крај и да се почне со изградба на мирот во Колумбија, рече Сантос, во интервју за Нобеловата фондација.
Британските медиуми, претходно денеска, објавија дека Сантос изјавил дека наградата ќе придонесе за унапредување на мировниот процес во Колумбија.
– Тој беше збунет. Беше многу благодарен. Рече дека наградата е од непроценливо значење за натамошниот мировен процес во Колумбија, рече секретарот на норвешкиот Нобелов комитет, Олав Њолстад, за телевизијата НРК , откако телефонски разговараше со Сантос.
Норвешкиот Нобелов комитет го награди Сантос за „одлучните напори за завршување на граѓанската војна во земјата, што трае повеќе од 50 години“, наведуваат американските медиуми и потсетуваат дека во граѓанската војна се убиени повеќе од 200.000 Колумбијци.
Комитетот оцени дека наградата треба да се гледа и како „посвета за колумбискиот народ кој, и покрај големите маки и злоставувања, не го напушти надежта за праведен мир, како и за сите земји кои придонесоа за мировниот процес“.
Американските медиуми забележуваат дека во образложението на наградата не е именуван согооврникот на Сантос во мировните преговори, лидерот на ФАРК; Родриго Лондоно.
Колумбијците на референдум го отфрлија договорот што Сантос го потпиша со марксистичките бунтовници од Револуционарните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) со цел да се заврши 52-годишната војна, а Сантос вети дека повторно ќе го заживее мировниот план.
Нобеловата награда за мир, во вредност од 930.000 долари, на Сантос ќе му биде врачена на 10 декември во Осло.