Секојдневните слики на разурнување и на голем број човечки жртви, во 17-дневните судири меѓу израелската војска и припадниците на исламистичката организација Хамас, покажуваат дека луѓето во Газа се беспомошни жртви на сопствените терористи-психопати, од една, и на отсуството на хуманост од другата страна, пишува лондонски „Сан““.
Во својот редакциски коментар, весникот ја открива неразумната и „болна“ тактиката на водачите на Хамас, да се жртвуваат цивилите и сопствениот народ, за да се изнуди осуда на израелската воена интервенција во Газа и да се покрие редовното ракетирање на израелската територија, од ракетните рампи, што во најголем дел се лоцирани во населени реони.
„Сан“ меѓутоа ја критикува и „нехуманоста“ на Израелците, забележувајќи дека во настојувањето да се уништи воената сила на Хамас, не се штеди ниту училиштетото во Газа, што е подарок од ОН.
Британскиот воен експерт Ричард Кемп, укажува дека Израелците користат најсофистицирани средства за да се одбегнат цивилните жртви, преземајќи мерки какви не ги користи ниту една армија во светот.
Според Кемп, израелската војска има систем за надгледување за тоа дали има цивили во една таргетирана зона, користејќи тројна авторизација, пред секој напад – со телефонирање на луѓето кои живеат во тој реон, со фрлање од воздух на летоци со предупредување да се повлечат за да не настрадаат, со испраќање радио пораки и со испукување на специјални експлозивни направи кои не повредуваат, туку предупредуваат на опасноста.
Поранешни британски воени команданти во Авганистан, анализирајќи го големиот број цивилни жртви во Газа, оценуваат дека „трагедијата на тие луѓе“ е што оние кои управуваат со овој појас (Хамас) водат политика на уверување на мажите, жените и децата да останат во опасните воени зони.
Британските експерти предупредуваат дека поради ваквата политика на Хамас бројот на цивилните жртви ќе продолжи да се зголемува.
Досега во неколку случаи беше јавено дека израелската воена команда ги повикува Палестинците и другите цивили да се повлечат од реоните што беа напаѓани, оставјаќи им време да побегнат.
„Дејли Телеграф“ открива случаи во источна Газа каде населението ги послушало советите на израелската војска, напуштајќи ги своите домови и привремено сместувајќи се во безбедни засолништа.
Во досегашните судири, загинаа повеќе од 800 Палестинци и околу 35 Израелци, од кои најголемиот број војници.
Сите досегашни обиди за примирје не успеаја, затоа што Хамас бара како предуслов за прекинот на непријателствата укинување на израелската блокада на Газа.
Израелската Влада, која ги прифати основите на египетскиот план за примирје, сега вели дека борбите ќе продолжат додека не бидат уништени тајните тунели преку кои терористите од Газа се инфилтрираат на израелската територија и ракетите и ракетните рампи од кои се вршат напади врз Израел.