Командантот на Иранската револуционерна гарда, генерал Хусеин Салами денеска изјави дека Иран ќе ги уништи САД, Израел и Саудиска Арабија ако ја преминат црвената линија на Техеран.
– Покажавме воздржаност, покажавме трпение кон непријателските чекори на Америка, ционистичкиот режим (Израел) и Саудиска Арабија против Исламската Република Иран… но, ние ќе ги уништиме ако ги преминат нашите црвени линии, посочи Салами.
Неговата изјава уследи откако американскиот началник на здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили оствари средби во Тел Авив со израелскиот воен врв. Тој синоќа сретна со началникот на израелскиот Генералштаб, Авиви Каохави.
Неговата посета се случува во време на зголемени тензии на Блиски Исток помеѓу Израел и Иран. Минатата недела на мета на израелското военовоздухопловство беа десетина ирански позиции во соседна Сирија, а како одговор уследи ракетен напад врз Голанска Висорамнина, која е под контрола на Израел.
Посетата на генерал Мили е само една од низата посети на американски воени претставници на Израел во последните неколку недели во време на зголемени тензии помеѓу Израел и Иран и меѓусебните ракетни напади. Минатата недела началникот на штабот на Военото воздухопловство на САД, Дејвид Л. Голдфајн го посети Израел и учествуваше во заедничка воена вежба.