САД нудат награда од пет милиони долари за информации кои би овозможиле враќање на поренешниот агент на ФБИ, Роберт Левинсон кој пред осум години исчезнал во Иран.
ФБИ во 2012 година, пет години по неговото исчезнување, понуди милион долари за информации за Левинсон.
-Одбележуваме осум години откако Боб исчезна во Иран и ја зголемуваме наградата за информација за тоа каде се наоѓа и негово безбедно враќање. Ги молиме сите кои имаат информации да ни се јават – изјави директорот на ФБИ, Џејмс Коми, пренесе „Франс прес“.
Инаку американскиот Национален совет за безбедност (НСЦ), соопшти дека нема да се откаже од залагања за безбедно враќање на Роберт и дека ја цени помошта и поддршката на меѓународните партнери.
-Ја молиме владата на исламска Република Иран да соработува во истрага на исчезнувањето на Левинсон со цел тој безбедно да се врати дома- пишува во соопштението на НСЦ.
Левинсон кој на 10-ти март ќе наполни 67 години, се повлекол од ФБИ пред 17 години, а исчезна на 9-ти март 2007 година на иранскиот остров Киш.
„Вашингтон пост“ и „Асошиејтед прес“ во 2013 година, пишуваа дека ЦИА му платила на Левинсон да собира информации во тек на посетата на Иран, меѓутоа Белата куќа негираше дека тој работел за американската влада кога исчезнал во Иран.
Вашингтон во повеќе наврати од Иран барал информации за Левинсон , меѓутоа иранските официјални лица тврдат дека не знаат ништо за неговото исчезнување.
Е.Г.