– САД и некои нивните сојузници ги разгледуваат плановите за зајакнување на антипиратските операции покрај западниот брег на Африка, што е последица на стравувањата дека парите, кои пиратите ги добиваат од откупи се користат за финансирање на бунтовнички групи во Нигерија, поврзани со Ал Каеда.
Пиратските активности во Гвинејскиот Залив ескалираа изминатите неколку години и високи претставници на Пентагон и другите институции, одговорни за борба против пиратството, нагласуваат дека сојузниците сметаат оти освен покрај бреговите на Сомалија, потребно е да се преземат мерки за спротивставување на пиратите долж нигериското крајбережје.
Аналитичарите велат дека постои се поголема координација меѓу нигериската групација Боко Харам и Ал Каеда во исламски Магреб, која дејствува во Сахара. Северноафриканската групација е поврзана со нападите врз американскиот конзулат во Бенгази, минатиот септември, во кој загинаа четворица Американци, меѓу кои и амбасадорот на САД во Либија.
Се уште не е донесено конечното решение за антипиратските операции покрај бреговите на Нигерија и Камерун, а освен тоа буџетските кратења можат да ги осуетат тие планови, изјави официјален претставник на Вашингтон.
Но според други извори евентуалното решение може да вклучува продолжување на соработката со западноафриканските држави и обука на нивни кадри за борба против пиратството.