Јужна Кореја постигна договор со САД за повеќе од двојно да го зголеми дострелот на своите ракети од досегашниот, за да ја намали заканата од Северна Кореја, соопшти во неделата владата во Сеул.
Оваа намера значително да се зајакне ракетното оружје што го поседува Јужна Кореја се претпоставува дека ќе ја вознемири комунистичката Северна Кореја со којашто со децении траат големите тензии од поделбата на полуостровот по Корејската војна од 1950 до 1953 година.
Аналитичарите сметаат, исто така, дека ова може да предизвика и вознемиреност и на Кина, Јапонија и Русија, бидејќи некои делови од нивните територии така стануваа можна цел на јужнокорејските ракети.
Според постигнатиот договор, Јужна Кореја може да развива ракети со дострел од 800 километри, кој досега изнесуваше 300 километри, соопшти за медиуми Чунг Јунг-Ву, секретар за надворешни и безбедносни работи на претседателот Ли Мунг-Бак.
Тој рекол дека САД и Јужна Кореја, исто така, се договориле да ја задржат досегашната максимална носивост за ракетите што ги развива Јужна Кореја на сегашното ниво од 500 килограми. Доколку, меѓутоа, Сеул, одлучи да развива ракета со покус дострел, тогаш може да ја зголеми носивоста.
Сеул со години настојува да го зголеми дострелот на своите проектили за да ја елиминира опасноста од Пјонгјан кој тврди дека развил ракети коишто може да погодат цел во кој и да е дел од територијата на Јужна Кореја.
Во моментов целата Јужна Кореја, како и американските воени постројки и бази во Јапонија и на Гуам, се во дострелот на севернокорејските ракетни напади, покажуваат податоците што ги презентираше владата на Јужна Кореја.