САД бараат Пекинг да им предаде петмина кинески хакери

Од:

Американскиот јавен обвинител Ерик Холдер синоќа на прес-конференција посочи имиња на петмината кинески офицери, кои ги смета за одговорни за хакерски напади врз компјутерските системи на американски компании, при што биле украдени деловни тајни.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, петте офицери, членови на Единицата 61398 на Кинеската народна армија, се Хуанг Женју, Сун Каилијанг, Гу Чунхуи, Ванг Донг и Вен Џинју.

– Кинески компании ја ангажирале оваа единица на Кинеската народна армија да изгради тајна архива на украдени деловни тајни. Кога странска држава ја користи својата армија или разузнавачките ресурси против американски директори и компании за да дојде до чувствителни деловни тајни или информации, ние мораме да кажеме – што е многу, многу е, изјави Холдер на прес-конференцијата на која беше претставено обвинението против петтемина Кинези.

Во еден случај, според обвинението, тие упаднале во компјутерскиот систем на енергетскиот гигант „Вестингхаус“, познат по изработката на турбини за нуклеарни централи, при што украле тајни за стратегиите на оваа компанија за преговори со кинеските енергетски компании. Притоа биле украдени 700.000 страници со интернет податоци, меѓу кои и пораки од генералниот директор.

Според САД, оваа единица на кинеската армија дејствува од воена зграда во градот Шангај. Двајца од обвинетите се всушност армиски хакери, познати под прекарите „Грд Горила“ и „КендиГу“, кои важат за водечки експерти во својата област во Кина.

САД проценуваат дека 3.000 нивни компании годишно се на удар на хакерите на кинеската армија. Според обвинителството на САД, Кина треба да ги предаде петте осомничени офицери да им се суди во САД, барање кое Пекинг веднаш го отфрли.

Според кинеските власти, тврдењата изнесени од обвинителот Холдер се фабрикувани лаги кои ги прекршуваат нормите на меѓународните односи и ги влошуваат односите меѓу Кина и САД.

Вашингтон информира дека секретарот за одбрана Чак Хејгл се обидел на тивок и дискретен начин да ја убеди кинеската армија да ги запре нападите врз американските компании. Но, откако неговите обиди не успеале, САД решија обвинувањата да ги изнесат јавно.

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Бројот на жртвите од уривањето на дел од автопатот во Кина се искачи на 36

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ