Москва сака да верува дека односите со Вашингтон не тргнале толку наопаку што би можеле да прераснат во нуклеарен конфликт, изјави денеска рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов.
– Би сакал да верувам дека, и покрај сите тешкотии, не се приближивме до опасниот праг да паднеме во бездна поради нуклеарен конфликт со Американците – рече Антонов, пренесува ТАСС.
Тој додаде дека Русија е посветена на принципот дека не може да има победник во нуклеарна војна и дека тоа никогаш не смее да се случи. Рускиот дипломат истакна дека САД „практично уништија се што беше направено на полето на контролата на оружјето во претходните децении“.
– Изгледите за следните договори за стратешка стабилност остануваат нејасни – нагласи тој.
„Русија никому не се заканува со нуклеарно оружје“
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека Москва никому не се заканува со нуклеарно оружје, но предупреди на ризикот од интервенција на Западот во специјалната воена операција во Украина, повикувајќи го Вашингтон да „избегне ситуација која може да доведе до директен воен конфликт со Русија“.
– Ја забележавме реакцијата на Вашингтон на инструкцијата на Владимир Путин да ги префрли руските сили за одвраќање на посебен начин на борбено дејство. Ви порачуваме никому да не се заканувате со нуклеарно оружје, критериумите за нивна употреба се опишани во воената доктрина и јасно прецизирани во основите на државната политика на Руската Федерација – објасни Рјабков на прес-конференцијата, пренесе РИА Новости.