Заменикот на рускиот амбасадор во ОН, Дмитри Пољански одговори на денешниот твит на косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли.
Пацоли напиша дека Приштина го признава Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.
– Непризнатите го признаваат непризнатиот. Светот се тресе од страв…“, напиша Пољански на Твитер, одговарајќи на Пацоли.
Опозицискиот лидер и претседател на парламентот на Венецуела, Хуан Гуаидо, се прогласи за привремен претседател на земјата за време на масовните антивладини протести.
Европската Унија денес ги повика властите на Венецуела да ги почитуваат граѓанските права, слободата и безбедноста на претседателот на Конгресот Хуан Гуаидо.
Во соопштението на ЕУ се наведува дека народот на Венецуела има право мирно да протестира, слободно да ги избира своите лидери и да ја одреди својата иднина.
Војската на Венецуела одби да го признае Гуаидо за привремен претседател, а тоа го сторија САД, Канада, Бразил, Аргентина, Колумбија, Парагвај, Чиле, Перу, Гватемала, Костарика и Албанија.