Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес изјави дека безбедносните гаранции се едно од најважните прашања во потрагата по решение во Украина и дека Русија е решена да го реши конфликтот во Украина преку политички и дипломатски средства.
Сепак, тој истакна дека е потребна реципрочност од Украина.
– Руската страна останува решена да го реши украинскиот конфликт, по можност преку мирни политички и дипломатски средства. За ова, реципрочноста од Украина е секако неопходна, изјави Песков.
Тој оцени дека неодамнешните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во Алјаска биле „многу значајни и неопходни“ и дека биле „конструктивни, корисни и од клучно значење за понатамошните односи“.
Средбата меѓу двајцата лидери се одржа на 15 август во воената база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ и траеше речиси три часа.
Руската страна ја претставуваа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и помошникот на претседателот Јуриј Ушаков, додека САД ја претставуваа државниот секретар Марко Рубио и специјалниот претставник Стивен Виткоф.
Песков на прес-конференција зборуваше и за продолжувањето на контактите меѓу преговарачките групи на Русија и Украина, истакнувајќи дека шефовите на тие групи сè уште се во комуникација, објави РИА Новости.
Сепак, тој не ги прецизираше точните датуми за новата средба, велејќи дека „работата на ниво на преговарачките групи ќе продолжи“.
Во врска со претстојната посета на Путин на Кина, Песков ја нарече посетата „без преседан“, но не даде детали за датумот или темите на состаноците.
Конечно, Песков го повтори ставот на Кремљ дека Русија не го предизвикала конфликтот во Украина.
„Веруваме дека овие напори (од американскиот претседател Доналд Трамп) навистина се способни да помогнат во решавањето на овој сложен, долготраен конфликт што ние не го предизвикавме“, изјави Песков за новинарите, одговарајќи на прашање од РИА Новости.