Републиканците бараат импичмент за Бајден по нападот во Кабул – сериозно расклатено неговото претседателство

Од:

„Дали Бајден треба да поднесе оставка или да добие отказ поради неуспесите во Авганистан? Да. Но, тоа на ќело ќе ни ја остави потпретседателката Камала Харис, што е десет пати полошо“, напиша на Твитер, Ники Хејли, постојаната претставничка на САД во ОН во администрација на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

„Доколку претседателот Трамп можеше да биде под истрага и да биде отповикан за телефонски повик, сега е време да се почне истрага за големата негрижа на Бајден во Авганистан. Истрагата и идентификацијата на виновниците ќе бидат подоцна, но ни треба нов врховен командант … сега! Власта која не натера да влеземе во ова нема компетентност и волја да не извлече од ова “, напиша конгресменот Рони Џексон на Твитер.

„Џо Бајден мора да ја преземе одговорноста за загинатите американски војници во бомбардирањата во близина на аеродромот денеска и да се повлече. Ние мора да ја чуваме нашата војска безбедна и да ја браниме нашата земја”, напиша конгресменот Грег Стуби на Твитер.

„Администрацијата на Бајден лажеше на друг фронт. Нашата војска загина поради неуспесите на администрацијата. Нема изговор за тоа. Ги повикувам претседателот Бајден, државниот секретар Ентони Блинкен и началникот на Генералштабот генерал Марк Мили веднаш да поднесат оставка”, напиша на Твитер конгресменот Мајкл Клауд.

Овие првични, донекаде и очекувани реакции на американските републиканци покажуваат дека вчерашните бомби во Кабул, во кои загинаа американски војници и авганистански цивили, предизвикаа уште една жртва, но на другата страна на светот – претседателството на Џо Бајден.

Бајден ја презеде функцијата по трауматичните години на Доналд Трамп, ветувајќи дека ќе донесе мирни времиња дома и почит кон САД во странство.

По вчерашните смртоносни напади во Кабул, се чини речиси невозможно тој да може да ги убеди Американците и американските партнери дека и едното и другото се остварливи.

Демократскиот претседател сe уште не се опорави од почетниот хаос во Авганистан, каде што преку ноќ авганистанската влада и војската што ја создадоа Американците се распаднаа и оставија илјадници американски граѓани и сојузници на милост и немилост на талибанците.

Работејќи 24 часа на ден во изминатите десет дена, администрацијата на Бајден штотуку почна да се надева дека пропаста, сепак, може да се претвори во триумф. Евакуацијата помина беспрекорно, а талибанците главно се држеа до својот дел од договорот.

Белата куќа вчераутро дури и се пофали дека повеќе од 95.000 луѓе се безбедно транспортирани од Авганистан, откако земјата се врати во рацете на талибанците.

Потоа експлодираа бомбите, загинаа 12 американски војници, а седуммесечното претседателство на Бајден се стресе до срж.

Бајден и неговите соработници се затворија во просторијата за итни ситуации, ги откажаа состаноците со гувернерите и му порачаа на израелскиот премиер Нафтали Бенет да почека до петок.

Бајден не ја почна војната во Авганистан. Тоа го направи републиканецот Џорџ В. Буш.

Тој всушност е првиот од четворицата претседатели што го исполни ветувањето дека ќе се повлече од таму. Но, тоа не значи дека тој ќе може да го избегне бесот во татковината поради смртта на војниците. И политичките последици што ќе следат.

„Џо Бајден има крв на рацете“, вече изјави републиканската конгресменка Елис Стефаник. “Оваа страшна национална безбедносна и хуманитарна катастрофа е резултат на слабоста и неспособноста на Бајден. Тој е неспособен да биде врховен командант”.

Републиканската сенаторка Марша Блекбурн на Твитер побара Бајден и неговите безбедносни советници да бидат отповикани и исклучени од канцеларијата.

Но, републиканската реакција е предвидлива и Бајден ќе биде многу повеќе загрижен за падот на анкетите.

Анкетата на „УСА Тудеј“ и Универзитетот Сафолк покажа дека повеќето Американци веруваат дека за Авганистан не вреди да се бори, и на тоа не му се заблагодаруваат на Бајден. Неговата популарност во анкетите опадна на само 41 процент.

-Не знам дали Бајден ќе претрпи трајна штета, вели аналитичарот Марк Ром. Но, додава, знам дека републиканците ќе сторат се за да биде така.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Бајден: Издавањето налог за апсење на израелски лидер е срамота

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија