Репортери без граници (РСФ) го повтори своето барање испратено до Генералниот секретар на Обединетите нации да создаде функција за специјален претставник за безбедноста на новинарите, јави дописникот на МИА.
Триесет и двајца новинари и соработници на медиуми се убиени од почетокот на годината според „Репортери без граници“ (РСФ), што е бројка помала од 2019 година поради здравствената криза, но која останува загрижувачка, подвлекува невладината организација со седиште во Париз.
По повод, 2 ноември, на „Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторства против новинарите“, РСФ го повторува своето барање до генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, да создаде функција на „Специјален претставник за безбедноста на новинарите“.
– Генералниот секретар има нешто повеќе од една година да дејствува и да остави значително наследство во борбата против неказнивоста и заштитата на новинарите. Назначувањето на член на неговиот тим како привилегиран контакт, единствената конкретна акција што ја презеде во моментот, не е доволно, истакна генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делуар.
Во 2019 година, 49 новинари беа убиени низ целиот свет, што е драстично намалување од претходната година, а зоните на конфликтот беа помалку смртоносни за новинарите, бидејќи тие одат се помалку таму, според РСФ.
Ако падот е уште поголем во 2020 година, со досега убиени 29 новинари и тројца соработници на медиуми од почетокот на годината, тоа е затоа што со здравствената криза многу новинари не отидоа на терен, подвлекува РСФ, кој ќе го објави својот финален извештај на крајот на декември, како и секоја година.
– Периодот на Ковид-19 навистина ја смени ситуацијата на теренот. Помалку новинари се убиени, но има поголем притисок и злоупотреби врз новинарите. Заканите се повеќе и повеќе нијансирани и многу потешки за борба, забележува Делуар.
Тој наведе дека во изминатата деценија околу 1.000 новинари се убиени, а таквите злосторствата речиси секогаш остануваат неказнети. Многу од овие случаи не биле предмет на вистинска истрага и виновниците никогаш не морале да одговараат за своите дела поради недостиг на ефективни меѓународни механизми.
Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) почна глобална кампања „за осуда на тие наредуваат злосторства против новинарите, но остануваат неказнети, како и да ги повика владите да преземат итни мерки за ставање крај на неказнивоста и заштита на слободата на печатот “, се наведува во соопштението на Репортери без граници.