Иран не е заинтересиран за ескалација на тензиите во регионот, но има право да се брани, изјави иранскиот амбасадор во Обединети нации, Маџид Тахт Раванчи во интервју за американското радио „Нешенел паблик рејдио“ (НПР).
Раваначи нагласи дека Иран има право да биде подготвен и да се брани и ги обвини САД и земјите од регионот дека шират „лажни обвинувања“.
Ситуацијата на Блиски Исток вчера дополнително ескалира откако САД објавија дека го повлекуваат персоналот од Амбасадата во Ирак поради „ескалација на напнатоста со Иран“, додека Германија и Холандија одлучија да ја прекинат воената обука во Ирак, а Кувајт ја зголеми борбената готовноста на највисоко ниво.
Односите помеѓу Вашингтон и Техеран дополнително се влошија откако Иран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.
САД минатата недела испратија носач на авиони „Абрахам Линколн“, единица бомбардери Б-52, амфибискиот воен брод „Арлингтон ЛДП-24“ во Персиски Залив, а исто така соопштија дека ќе распоредат системи за противвоздушна одбрана со долг дострел „Патриот“во зоната на Централната команда на армијата на САД (ЦЕНТЦОМ), првенствено задолжена за Блиски Исток и Централна Азија.
Распоредувањето на оружје, според Пентагон, е „одговор на индикациите за зголемена подготвеност на Иран да изведе офанзивни операции против воените сили на САД и американските интереси“.