Еден од тројца Американци се изјасниле дека нема да се вакцинираат против Ковид-19 откако вакцината ќе биде достапна, покажува новото истражување на „PBS NewsHour“.
Триесет и пет проценти од испитаниците рекле дека нема да ја примат вакцината, 60% рекле дека би се вакцинирале, а 5% биле воздржани.
Истражувањето покажува и дека оние со високо образование имаат 19 поени поголема веројатност да се согласат да бидат вакцинирани, отколку оние без високо образование, кои се категорични дека немаат доверба во новите вакцини.
Интересот за вакцинирање, според истражувањето на терен е поделено и врз политичка основа, односно 71 процент од демократите се изјасниле дека сакаат да примат вакцина, за разлика од републиканците кои само 48 проценти одговориле позитивно.
Анкетата потсети дека во 2009 година само 51 процент се изјасниле дека ќе ја примат вакцината за „H1N1“, иако таа болест беше помалку смртоносна и распространета во светот, за разлика од сегашната.
Десетици вакцини низ целиот свет се во процес на развој, а мал број од нив се во завршна фаза на испитување. Временската рамка е значително намалена во споредба со производството на другите вакцини.
Според последните информации од САД, вакцината против Ковид-19 нема да биде достапна до почетокот на 2021 година.
Во интервју за „Хил“, директорот на Националниот институт за здравство на САД, Френсис Колинс, изјави дека ако „половина нација рече: ‘Не, не сакам вакцина’, тогаш оваа пандемија на коронавирус може да продолжи и понатаму, на голема штета на земјата, а со тоа ќе ги стави во ризик ранливите категории граѓани“.
„Јас сум изненаден, искрено, што отпорот на оваа вакцина го достигна нивото кое денес го има. Мислев дека кога луѓето ги видоа ужасните трагедии и страдањата што се околу нас од оваа болест, дека можеби дел од отпорот што го видовме за претходните вакцини не би се повторил“, додаде Колинс.
Три четвртини од Американците изјавија дека веруваат во информациите што доаѓаат од службените лица во јавното здравство, а 62 проценти се изјасниле дека им веруваат на високите челници на државата (Доналд Трамп и Мајк Пенс).
Истражувањето има слични резултати со оние кои беа веќе објавени од „Галуп“, овој месец. Во таа анкета, 35 проценти рекоа дека нема да ја примат вакцината, додека 65 проценти беа согласни да бидат вакцинирани.