Распоредувањето на војници на улиците ширум Белгија ќе ја чини земјата речиси 18 милиони евра, потврди денеска белгискиот министер за одбрана, Стивен Вандепут на седница на Комитетот за одбрана на Долниот дом на Парламентот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Вандепут детално ги образложи трошоците за распоредување војници на улиците за да се обезбедат мисиите за надзор и поддршка на полициските сили.
Според министерот за одбрана на Белгија, за периодот од 17 јануари до 20 декември, проектираните трошоци за оваа мисија на белгиската војска ќе изнесува 17,9 милиони евра.
Оваа проценка го зема предвид можното одржување на четвртиот степен на закана од терористички напад во Брисел до посочениот датум (20 декември).
Војската е распоредена низ улиците на Белгија по терористичките напади врз новинарите на „Шарли Ебдо“ во Париз и врз кошер-продавницата во еврејскиот кварт во француската престолнина.
Колку за споредба, Вандепут посочи дека цената од распоредувањето на војниците на белгиските улици меѓу 17 јануари и 1 октомври изнесувала девет милиони евра, едвај половина од износот што е предвиден за вкупните трошоци до 20 декември оваа година.
Белгискиот министер за внатрешни работи Јан Јамбон не сакаше да коментира за бројот на војници кои учествуваат во помошта на полицијата во обезбедувањето на градовите, иако се говори дека се работи за бројка од 1.200 единици.