Рускиот претседател Владимир Путин денеска се закани дека ќе го прекине снабдувањето со енергенси доколку се воведат ограничувања на цените на рускиот гас и нафта, предупредувајќи го Западот дека ќе остане „замрзнат како опашката на волкот во познатата руска бајка“.
Говорејќи на економски форум во источниот град Владивосток, Путин рече дека европските повици за ограничување на цените на рускиот гас се „глупави“ и ќе доведат до повисоки цени на енергенсите во светот и економски проблеми во Европа.
– Нема да испорачаме ништо ако тоа се коси со нашите интереси, во овој случај економски. Ниту гас, ниту нафта, ниту јаглен… Ништо, додаде тој.
Г7 го објави планот минатата недела, а потегот исто така може да ја ограничи способноста на Русија да обезбеди танкери во земји надвор од Унијата.
– Русија ќе се повлече од договорот за снабдување доколку Западот спроведе план за ограничување на цените“, рече Путин. – Дали ќе има политички одлуки спротивни на договорите? Да, нема да ги исполниме. Нема да извезуваме ништо ако тоа е спротивно на нашите интереси, најави тој.
Русија е втор најголем извозник на нафта по Саудиска Арабија и е најголем извозник на гас и жито. Вообичаено, Европа увезува 40 отсто гас и 30 отсто нафта од Русија.
Извор: МИА