Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер присуствуваше на прославата на 74. роденден на рускиот претседател Владимир Путин во неговиот дом, објави Кремљ.
На фотографиите објавени на Телеграм, Шредер и Путин се насмеани и се ракуваат, додека во позадината се гледаат старинска печка и руски самовар, традиционален сад за загревање вода за чај.
„Владимир Путин претходниот ден од утринските вести дозна дека Герхард Шредер се наоѓа во Москва и дека дошол службено, поради компанијата ‘Глобус’. Претседателот го покани својот стар пријател во својот дом. Герхард Шредер беше со Владимир Путин додека шефот на државата вчера го прославуваше роденденот“, соопшти Кремљ.
Шредер, кој беше германски канцелар од 1998 до 2005 година, неодамна се приклучи на надзорниот одбор на рускиот трговски синџир „Хиперглобус“. Во средата посети една од продавниците на компанијата во Москва, каде што вработените го пречекаа со аплауз, покажаа снимките на руската телевизија.
Поранешниот германски канцелар со години се соочува со критики, особено во Германија, поради блиските врски со Путин и руските деловни кругови. Тие врски продолжија и по руската инвазија врз Украина во 2022 година и воведувањето повеќе пакети западни санкции против Русија.
Путин во мај сугерираше дека Шредер би можел да ги претставува европските земји во мировните преговори за завршување на војната во Украина. Европските министри за надворешни работи ја отфрлија таа можност.
