Само десет лица се пронајдени до моментов од големата несреќа во Средоземното Море минатата недела, кога потона брод со околу 500 имигранти, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција, со седиште во Женева.
Меѓу спасените се двајца Палестинци од Појасот Газа, кои минале два дена во морето и први известија за несреќата, откако беа пронајдени во саботата и одведени на островот Сицилија.
Портпаролот на Организацијата, Ленард Дојл изјави дека досега се пронајдени три тела.
Повеќето од мажите, жените и децата на бродот, кој тргнал на 6 септември од египетското пристаниште Дамиета, биле Сиријци, Палестинци, Египќани и Суданци.
Според податоците на Организацијата, оваа година се удавиле околу три илјади лица, кои се обиделе да стигнат до Европа преку Средоземното Море.