Приближно 10.000 Индонезијци беа принудени да ги напуштат своите домови откако вулканот Синабунг денеска повторно еруптира, исфрлајќи пепел во височина од три километри, соопштија официјални извори.
Синабунг, што се наоѓа во северниот дел на островот Суматра во северозападна Индонезија, почна да исфрла пепел во неделата рано утрината, засипувајќи ги блиските села со пепел и мали огнени камења, по што се смири. Денеска на пладне, меѓутоа, тој повторно се активира, исфрлајќи густ облак од пепел на височина од три километри.
– Татнежот од ерупцијата се слушна во радиус од над 10 километри, изјави вулканологот Хендра Гунаван.
Од неделата, оа досега се евакуирани 9.420 лица, прецизира портпарол на локалните власти.
По моќната ерупција улиците, куќите и дрвјата биле покриени со пласт од сивкаста пепел, а жителите носеле маски и чадори, за да се зачуваат.
– Ги предупредивме авиокомпаниите, но ниту еден лет не е откажан, посочи портпарол на индонзиското Министерство за транспорт.
Вулканот беше „заспан“ приближно еден век, а се „разбуди“ во август 2010 година, по што во септември принуди 12.000 лица од регионот да ги напуштата своите домови.