Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос изјави дека парите од доделената Нобелова награда, ќе ги донира за жртвите од 52-годишниот воен конфликт со бунтовниците од ФАРК.
– Синоќа разговарав со моето семејство и заедно одлучивме, сите пари да ги дадеме за жртвите, рече претседателот Сантос.
Неговата изјава беше дадена во градот Бојаре, во северозападниот регион Чоко, каде Сантос присуствуваше на една религизона церемонија, посветена за луѓето погодени од повеќедеценискиот конфликт.
Нобеловиот комитет објави во петокот, дека годинешнава награда за мир му се доделува на колумбискиот претседател за неговата решителност и одлучност за ставање крај на конфликтот во Колумбија.
Наградата изнесува 925 илјади долари.
Минатиот месец, колумбиската влада и бунтовниците од ФАРК потпишаа мировен договор, по безмалку четиригодишни преговори во Хавана, во Куба.
На референдумот од 2 октомври, одржан за ратификација на договорот, Колумбијците со минимално мнозинство од само 60 илјади гласови, не го прифатија потпишаниот документ.
Со договорот беше предвидено бунтовниците целосно да се разоружаат, да биде формиран специјален суд за оние кои имаат извршено воени злосторства, а за возврат, да им се овозможи на припадниците на ФАРК вклучување во домашната политика. За нив беше договорено да бидат обезбедени по 10 пратенички места за парламентарните избори во 2018 и 2022 година.
Околу 260 илјади лица беа убиени, а други над шест милиони беа раселени како последица воените судирања меѓу владините сили и левичарските бунтовници, што започнаа уште во 1964 година.
Хуан Мануел Сантос е поранеше министер за одбрана, а за претседател на Колумбија, првпат беше избран во 2010 година. Во 2014 тој одново беше избран на претседателската функција.