Преговорите меѓу двете ривалски влади во Либија без договор за избори

Од:

Претставниците на двете ривалски влади во Либија ги завршија еднонеделните разговори без да се договорат за уставните аранжмани за избори, соопштија денеска Обединетите нации.

На разговорите одржани во Каиро со посредство на ОН учествуваа дванаесет члана на Парламентот во источна Либија и исто толку членови на Високиот државен совет, советодавно тело со седиште во Триполи, во западниот дел на земјата.

Специјалната советничка на ОН за Либија, Стефани Вилијамс, изјави дека претставниците на ривалските влади се договориле повторно да се сретнат во мај, по муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.

Вилијамс рече дека ОН работат со спротивставените страни во Либија за да се постигне договор за уставната и законодавната рамка за парламентарните и претседателските избори.

Преговорите се водеа во време на поделеност во Либија меѓу двете ривалски влади, што се борат за власт низ целата земја, една деценија по граѓанската војна.

Во февруари Парламентот на истокот го назначи Фати Башага, поранешниот министер за внатрешни работи за нов премиер кој ќе ја предводи преодната влада.

Пратениците на тој Парламент тврдат дека истечен е мандатот на привремениот премиер Абдул Хамид Дбејба, чиј кабинет е во Триполи.

Сепак, Дбејба одби да се повлече и изјави дека власта ќе ја предаде само на владата избрана по изборите.

Бидејќи Башага и Дбејба не отстапуваа од своите тврди позиции, тензиите во земјата се зголемија, а вооружени паравоени групи се мобилизираа во западните делови на земјата, блокирајќи ги патиштата. Во јужна Либија племенските водачи и демонстрантите ги затворија нафтените капацитети, вклучително и најголемото нафтено поле во земјата, барајќи од Дбејба да поднесе оставка.

Регионот е контролиран од силите на командантот Калифа Хафтер, кои се доминантни во источна Либија.

Настаните на терен само придонесоа за раст на стравувањата дека борбите би можеле да продолжат по периодот на релативен мир, усогласен на крајот на 2020 година со посредство на ОН.

Општествениот систем во Либија, северноафриканската земја богата со нафта, беше уништен од судирите што започнаа во 2011 година, кога повеќедеценискиот лидер Моамер Гадафи беше соборен и убиен за време на бунтот поддржан од НАТО.

Во текот на изминатата деценија земјата беше поделена меѓу две ривалски влади, секоја со поддршка од неколку вооружени групи и различни држави.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Драматичнa ситуација во Дерна: Илјадници трупови се распаѓаат под урнатините

На плажа во либискиот град Дерна пронајдени се 400 тела

(ВИДЕО) Морето исфрла тела на жртви од Дерна стотици километри подалеку

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Се стравува дека во Либија загинале 20.000 луѓе: „Бранот од седум метри урна згради во морето“

Уништените брани кои ја предизвикаа катастрофата во Либија ги изградија југословенски компании

(ВИДЕО) Либија: Морето постојано исфрла десетици тела

Горан Наумовски