Хути борците и провладините сили на Јемен, поддржани од Саудиска Арабија, денеска се судрија во градот Ходеида во Јемен, прекршувајќи го примирјето, со што го закомплицираа договорот за повлекување на војниците, чија цел беше да почнат пошироки мировни преговори.
Пристаништето Ходеида, кое беше под контрола на Хутите, е од суштинско значење за милиони Јеменци на кои им се заканува глад поради војната, бидејќи тоа е главното место за увоз на храна и помош.
Повлекувањето на Хутите од Ходеида и уште две пристаништа на Црвеното море почна во саботата и беше најзначаен напредок во напорите да заврши четиригодишната војна.
Обединетите нации вчера соопштија дека пристаништата им се предадени на припадниците на крајбрежната стража и дека повлекувањето се одвива според планираното, но двете страни известуваа за обновените конфликти денеска.
Медиумите со кои управуваат Хутите објавија дека провладините сили погодиле неколку области на Ходеида, вклучувајќи го и аеродромот.
Тие не посочија дали тоа се јеменски војници или припадници на меѓународната воена коалиција предводена од Саудиска Арабија, која ја поддржува владата на претседателот Абд Раби Мансур Хади.
Провладините сили соопштија дека Хути борците се обиделе да се инфилтрираат во Ходеида, но дека биле спречени во тоа.