Над 100 мигранти се удавиле во бродска несреќа крај брегот на Либија, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на еден преживеан бродоломник.
Телата на 74 давеници во понеделникот беа исфрлени на брегот во западниот либиски град Завија. Во тој момент околностите за настанатата смрт на луѓето не беше утврдена.
Преживеан во трагедијата, 31-годишен емигрант од Гамбија, раскажа дека се удавени над 100 лица, бидејќи се расипал моторот на нивното бродче, откако во саботата од Либија отпловиле кон Европа. Во темнината, во екот на морска бура, на бродот настанала паника и мигрантите се собрале во близина на моторот, што потонал под вода и престанал да работи.
На бродот, според преживеаниот, имало 133 лица, а само 24 од нив се спасиле.