Последен ден на Вацлав Клаус на претседателската функција

Од:

Денеска на полноќ завршува вториот петгодишен мандат на чешкиот претседател Вацлав Клаус, јави дописникот на МИА од Прага.

Политичарот, кому едни му се восхитуваа, а други го мразеа, со чешките граѓани, по негова желба ќе се збогува со говор кој ќе се пренесува на телевизиските екрани.

Заради своите ставови, многупати контроверзни, Клаус предизвикуваше реакции и дома и надвор од границите на Чешка. Клаус беше првиот министер за финансии по револуцијата, повеќе од пет години премиер, а четири години претседател на чешкиот Парламент. Тој е познат по своите критички ставови и со своите одлуки активно учествуваше во активностите на домашната политичка сцена.

Уште на почетокот на својот претседателски ангажман имаше спорови со Горниот дом на Парламентот, Сенатот во врска со именувањето на судии на Уставниот суд. На пример во 2005 година за време на владината криза предизвикана од сомнителната имотна состојба на тогашниот премиер Станислав Грос, Клаус одби да ги прими оставките на министрите од КДУ-ЧСЛ (Христијанска и демократска унија- Чехословачка народна партија) и либералната десничарска парија УС-ДЕУ и оневозможи владина реконструкција, со што предизвика паѓање на Владата.

Клаус не остана на страна и за време на кризата на Кабинетот на актуелниот премиер Петр Нечас, како на пример, кога одби да прими оставка и предлози за разрешување на министри пред да му биде предложен план за понатамошно функционирање на Владата. Со таа постапка ја отвори дискусијата за ревизија на Уставот, во делот на овластувањата на шефот на државата. Токму претседателските овластувања се актуелни и последниве месеци поради проширената амнестија, која Клаус ја прогласи на почетокот на годинава, а која опфати околу 20.000 лица меѓу кои најголем дел судени и осудени за стопански спорови. Вацлав Клаус е доследен критичар на ЕУ и процесот на евроинтеграциите и неговата личност е спојувана и со темата на глобалното затоплување.

Во неговата кариера, стана и ѕвезда на интернет со видео од „несреќната случка“ кога за време на неговата посета на Чиле на прес-конференција со неговиот чилеански колега Себастијан Пињера го стави протоколарното пенкало в џеб. Иако денеска истекува неговата претседателска функција која ја извршуваше последните десет години, 71-годишниот политичар според најавите не се подготвува за во пензија. – Мојата прва амбиција е да работам во Институтот кој неодамна го основав…и да бидам покрај политичарите, изјави Клаус. Тој на својата интернет страница објави и дека е примен како соработник на американскиот институт „Кејто“, а некои негови соработници го „гледаат“ како иден европарламентарец.

Сепак, кариерата на Клаус е „замаглена“ и неизвесна поради најновата жалба која чешкиот Сенат деновиве ја поднесе до Уставниот суд и во која Клаус се обвинува за велепредавство поради прогласената амнестија. Доколку уставната жалба биде успешна, Клаус ќе го изгуби правото на претседателската пензија и останатите финансиски додатоци, но и ќе биде „негативно обележан“ и што ќе влијае на неговите можни политички ангажмани во иднина.

Клаусовата претседателска ера симболично ќе престане со ѕвонење на камбаната на прашката црква Св.Вит. Неколку граѓански иницијативи кои не го поддржуваа Клаус, најавија хепенинзи со кои ќе го „прослават“ неговото заминување и симболично, кукла со неговиот лик ќе фрлат од Карловиот мост во центарот на чешката престолнина. Клаус и неговиот наследник, Милош Земан кој неодамна беше избран на првите непосредни претседателски избори денеска заедно ќе положат венец на гробот на првиот чехословачки претседател Томаш Гарик Масарик. Инаугурацијата на Земан ќе се одржи утре.

Би можело да ве интересира

Ден на жалост во Чешка

Убиецот од Прага е одговорен за уште две убиства, вели Вондрашек

Горан Наумовски

Вондрашек: Убиецот бил инспириран од терористички напад во Русија кој се случи оваа година

Убиецот од Прага на Телеграм го најавил масакрот

Масакр во Прага: Бројот на убиени се искачи на 17, најмалку 24 се ранети

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Студентите на Универзитетот во Прага се обидоа да се сокријат од напаѓачот на покривот на зградата

Горан Наумовски