Португалската полиција оваа недела уапси 14 осомничени кои можеби подметнале некои од десетиците пожари што беснеат низ земјата.
Пожарите „однесоа“ најмалку седум животи и уништија домови, фабрики и десетици илјади хектари шума, објави Ројтерс.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро во вторникот вети остри „репресивни дејствија“ против ваквите злосторства „извршени во име на посебни интереси“, без да прецизира други детали.
Салвадор Пињо Фереира де Алмеида, професор на Универзитетот Лусофон, специјализиран за цивилна заштита, изјави за британската агенција дека има силни знаци на криминални активности, бидејќи многу од пожарите „почнале ноќе и многу е бизарно да се видат толку многу пожари“.
Истражувачот и криминолог Андре Инасио изјави дека подметнувањето пожар веројатно ја влошило „климатската ситуација во која имаме суви шуми и многу силни ветрови“, дури и ако првите пожари можеби биле случајни.