Поранешен војник на британската падобранска единица, стационирана во Северна Ирска, е уапсен во врска со крвавите случувања во градот Лондондери, од пред 43 години.
Не е соопштен идентитетот на уапсениот, освен дека станува збор за поранешен 66-годишен војник. Апсењето е извршено во областа Антрим, а уапсениот е префрлен на сослушување во Белфаст.
Вкупно 14 лица, сите северноирски католици, беа убиени од британските војници кои отворија оган врз невооружените цивили, активисти за човекови права, додека протестираа низ улиците на Лондондери.
Трагичниот настан од јануари 1972 година е означен како „Крвавата недела“ во Северна Ирска и за него и после толку години, се уште нема точно определена одговорност, иако се спроведени повеќе службени истраги.
Војската долго време отфрлаше дека е одговорна за крвопролевањето, а некои од истрагите тврдеа дека војниците почнале да пукаат откако врз нив бил отворен оган. Таквата верзија категорично се отфрла од страната на католиците, додека независни истражувачи веруваат оти за неа нема ниту докази.
Според раководителот на истрагата, главниот инспектор на полицијата на северна Ирска, Ијан Харисон, апсењето на поранешниот војник претставува „сосема нова фаза“ во долгата истрага за „Крвавата недела„.
Харисон најави дека истрагата ќе продолжи.