Претседталот на либискиот Парламент, Генералниот конгрес, Езедин ал-Амави синоќа го поништи именувањето на Ахмед Мајтиг за нов привремен премиер на Либија.
Мајтиг и неговите приврзаници, претходно, објавија дека тој успеал да ги обезбеди потребните 121 гласови на пратениците, по неколкуте кругови гласање во Конгресот, по што тој положил заклетва.
Целиот процес на гласање беше прекинат по хаотичната седница во која работеа пратениците, па Ал-Амави соопшти дека гласањето при кое бил избран Мајтиг е неважечко.
Тој побара од досегашниот привремен премиер Абдула ал-Тини да продолжи да ја врши функцијата до изборот на негов наследник. Ал-Тини, кој претходно беше министер за внатрешни работи, поднесе оставка како привремен премиер, откако тој и неговото семејство беа цел на вооружен напад и неуспешен атентат.
Без да чека завршување на истрагата за тоа кој е извршител на нападот, Абдула ал-Тани соопшти дека не сака повеќе да биде премиер и се повлече од функцијата.
Ахмед Мајтиг има 42 години и е од Мисрата. Доколку тој или кој било друг биде назначен на премиерската функција, би бил петиот либиски политичар кој ја предводел владата во изминатите 2,5 години.
Неуспешниот обид да се избере нов привремен премиер, потврдува дека Либија и по три години од соборувањето на Моамер Гадафи, продолжува да биде политички нестабилна, со слаба централна власт која и натаму е немоќна да воспостави контрола врз целата територија на земјата.
Избори за нов состав на Парламент би требало да се одржат во текот на оваа година.