Полска е подготвена да ги брани своите партнери во НАТО во секое време, изјави денеска полскиот претседател Анджеј Дуда.
Тој ги надгледуваше дел од најголемите вежби на Алијансата од Студената војна.
Со учество на околу 90.000 војници, вежбите „Непоколеблив бранител“ се демонстрација на сила за НАТО, бидејќи земјите од неговото источно крило ги зголемуваат трошоците за одбрана наспроти рускиот напад врз Украина, објави Ројтерс.
Полскиот дел од вежбите, наречен „Змај 24“, вклучуваше преминување на војниците преку реката Висла, а потоа заминување до јазот Сувалки, оддалечен 300 километри, појас на земја кој се наоѓа меѓу Калининград и Белорусија.
„Ова се наши заеднички вежби кои ја зајакнуваат безбедноста на целото источно крило на НАТО. Полска е подготвена да ги спроведе нашите обврски што произлегуваат од колективната одбрана во секое време“, рече Дуда за време на заедничкиот говор со литванскиот претседател Гитанас Наусед.
Дуда рече дека вежбата покажала подготвеност за одбрана на територијата на НАТО, вклучувајќи ги Полска, Литванија и балтичките земји.
„Литванија може да смета на нас дека, доколку има таква потреба, полските војници ќе застанат рамо до рамо со литванските сили за да ја заштитат секоја педа од земјата од непријателски напади“, посочи тој.
Денешните вежби опфатија преминување на реката Висла со тенкови и оклопни возила од различни земји на НАТО, точка која е широка 340 метри.
„Ова е сериозен тест за војниците, но ја покажува нивната одлична подготвеност и нашата подготвеност да ги преместиме силите од запад кон исток како одговор на евентуален напад врз силите на НАТО во нашиот дел од Европа“, рече Дуда.
Следната недела Дуда и премиерот Доналд Туск ќе одат во Вашингтон за да ја одбележат 25-годишнината од влезот на Полска во НАТО и да разговараат за ситуацијата во Украина за време на средбата со американскиот претседател Џозеф Бајден.