Поделената земја причина за нова поларизација помеѓу Вашингтон и Москва

Од:

Благодарение на нафтата Венецуела беше една од најбогатите држави во Јужна Америка, но поради економската и политичката криза земјата се соочува со глад, криминал и судири.

Во Венецуела власта не може да се справи со проблемите поради тоа што и таа е поделена и покрај тоа што има поддршка од војската и полицијата. Земјата има два претседатели – Николас Мадуро, избран на избори и Хуан Гуаидо прогласен од народот, кои се борат за превласт и за привлекување на војската и полицијата на своја страна.
Гуаидо во неделата упати апел до армијата да откаже послушност на Мадуро, а опозицијата во касарните подели копии од усвоениот Закон за амнестија. Истиот ден Мадуро посети две воени бази западно од Каракас и упати апел до војниците да останат лојални на неговата Влада.

Покрај политичката криза, хиперинфлацијата, протестите, кои често се насилни, гладта, корупцијата и криминалот Венецуелците се почесто се одлучуваат да заминат од земјата, што предизвикува една од најтешките бегалски кризи во светот.

Според невладините организации за една недела протести против Мадуро загинаа повеќе од 40, а приведени се 850 луѓе, од кои 77 се малолетни лица. Додека Обединетите нации соопштија дека за време на протестите во јануари уапсени се 23.696 луѓе, што е најголем број приведени лица во последните 20 години во Венецуела.

Кризата во Венецуела се продлабочи во последните седмици откако опозицијата врши притисок за да се организираат слободни избори. Претседателот на Парламентот, Гвидо на 23 јануари во Каракас се прогласи за привремен претседател на државата.

Гвидо, кој има меѓународна поддршка ги повика граѓаните на нови протести в среда и в сабота.

Борба и за државниот имот и санкции од САД

Самопрогласениот привремен претседател на Венецуела најави и дека ја презема контролата на имотот на Венецуела во странство, а САД воведоа санкции кон државната нафтена компанија.

– Отсега постепено тргнуваме во уредно преземање контрола на имотот на нашата Република во странство, за да ги спречиме узурпаторот и неговата банда кога ќе заминат од власт да не ги потрошат средствата, напиша Гваидо на Твитер.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најави дека воведува санкции кон венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА, што би можело да биде еден од клучните економски чекори за зголемување на притисокот врз Мадуро да ја предаде власта.

Со санкциите ќе биде замрзнат имотот на компанијата ПДВСА на територијата под јурисдикција на САД и забрането им е на Американците да соработуваат со неа.

Американскиот секретар за финансии Стивен Мнучин истакна дека со санкциите против ПДВСА ќе се спречи пренасочување на имотот на Венецуела во корист на Мадуро и ќе биде сочуван имотот на народот на Венецуела.

– САД ги повикува на одговорност виновниците за трагичниот колапс на Венецуела и ќе продолжат да користат низа свои дипломатски и економски средства за поддршка на преодниот претседател Хуан Гуаидо, Националното собрание и напорите на венецуелскиот народ да ја обнови својата демократија, рече Мнучин.

Според него, санкциите ќе го спречат Мадуро од натамошно користење на средствата на Венецуела, а ќе ги зачуваат тие средства за венецуелскиот народ, додека патот кон укинување на санкциите на ПДВСА е „брз трансфер на контролата на привремениот претседател на новата, демократски избрана влада“.

Гуаидо му соопшти на Конгресот дека наложил да почне процесот на именување нов управен одбор на државната нафтена компанија ПДВСА и рафинеријата „Цитго“, инаку американска подружница.

Венецуелскиот извоз на нафта во САД значително се намали во минатата деценија поради долгата економска и политичка криза. САД во 2017 година увезуваа помалку од 500.000 барели дневно сурова нафта и нафтени производи од Венецуела, додека во 2008 година повеќе од 1,2 милиони барели.

Од друга страна Венецуела е прилично зависна од приходите од САД, бидејќи 41 проценти од нејзината нафта се извезува во САД. Американските рафинерии се меѓу ретките кои на Венецуела и ја плаќаат нафтата во готовина, додека со извозот во Кина и во Русија најчесто се покрива отплатата на долгот.

Поради американските санкции кон ПДВСА, Мадуро најави правни мерки против САД.

– Му дадов инструкции на претседателот на компанијата ПДВСА да преземе политички и правни акции пред американските и светските судови, изјави Мадуро.

И светските лидери поделени за Венецуела

Кризата во Венецуела ги подели и светските лидери. САД, Канада, Аргентина, Бразил, Чиле, Колумбија, Еквадор и Парагвај го признаваат Гуаидо, додека Русија, Боливија, Иран, Куба, Никарагва, Ел Салвадор и Турција го поддржуваат Мадуро.

Во меѓувреме, Белата куќа упати апел до војската на Венецуела да прифати „мирен и демократски“ трансфетр на власта од Мадуро на Гваидо.

– Ја повикуваме војската на Венецуела и безбедносните сили да прифатат мирна, демократска и уставна транзиција на власта, изјави советникот за национална безбедност Џон Болтон.

Тој на прашањето дали е можна американска воена интервенција во Венецуела ја повтори изјавата на Трамп дека „сите опции“ се на маса.

Портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич вчера изјави дека Европската Унија е единствена за венецуелското прашање и покрај различните тонови на земјите членки,

ЕУ за време на викендот објави заедничка декларација во која се бара во најбрз можен рок да се одржат нови „фер, слободни и кредибилни избори“ во земјата, и дека во спротивно ЕУ „ќе преземе мерки во однос на признавањето на лидерството“.

Кочијанчич најави и дека во текот на неделата Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе имаат неформален состанок посветен на Венецуела. Таа додаде и дека ЕУ очекува Каракас да се изјасни во следните осум дена дали ќе одржи избори.

– Во отсуство на најава за избори со потребните гаранции во наредните денови ЕУ, ќе преземе мерки вклучувајќи и за признавањето на лидерството во согласност со членот 233 од венецуелскиот Устав, порача Коцијанчич.

Но, од друга страна, Русија цврсто стои зад Мадуро, тврдејќи дека тој е легитимно избран претседател на Венецуела. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека целта на САД е соборување на Владата на Венецуела.

– Загрижени сме поради тоа што САД и нејзините најблиски сојузници и прават на Венецуела, кршејќи ги сите можни норми на меѓународното право и отворено водат политика за соборување на легитимната Влада на латиноамериканската земја, посочи Лавров.

Тој тврди дека опозицијата во Венецуела добива инструкции од Вашингтон да не се согласи на отстапки со цел да се присили Мадуро да абдицира.

Лавров додаде и дека одлуката американските компании кои соработуваат со Венецуела да бидат изземени од санкциите претставува доказ за намерата на Вашингтон да ја смени Владата во земјата и да извлече профит.

Би можело да ве интересира

Захарова: „Имаме докази, вклучени се САД и Велика Британија“

Русинот Ди Каприо сепак мора да оди во војска? Промената на изгледот го чинеше холивудска слава ФОТО

Предраг Петровиќ

Американец кој се борел како платеник за Украина е осуден на 6 години затвор

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

Пратениците на Левица остварија средба во Собранието со рускиот амбасадор Баздникин

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети