Почнува самит на ЕУ посветен на климатските промени и еболата

Од:

Шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ денеска и утре во Брисел ќе одржат Самит на Европскиот совет, на кој ќе разговараат за состојбата со климата и енергијата, како и за тешката економска состојба во Унијата.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, овој Самит на Советот е значаен и поради тоа што е последен кој го организира Херман ван Ромпуј како претседател, но и последен на кој ставовите на Европската комисија ќе ги претставува Жозе Мануел Барозо. Од 1 ноември, поранешните премиери на Белгија и на Португалија ќе ги заменат Доналд Туск како претседател на Советот и Жан-Клод Јункер како претседател на ЕК.

Во своето писмо-покана за овој Самит, Ван Ромпуј на шефовите на државите и владите на земјите од ЕУ им порача дека ги чека голема одлука за носење на политичката рамка за состојбата со климата и енергијата до 2030 година.

Претседателот на Европскиот совет порачува дека се работи за голем предизвик и тема која бара напори од страна на сите делегации, посебно што нема согласност кај сите 28 земји-членки за предложената рамка.

– Многу важно е што Европската унија покажува водство во пресрет на меѓународните климатски преговори следната година и дека ние носиме рамка која создава потребна предвидливост за економските чинители, истакна Ван Ромпуј во писмото.

Според планот за овој дводневен Самит на Советот, по вообичаената размена на мислења со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц и семејната фотографија со сите лидери на државите, првата работна сесија е планирана за по 18 часот и истата ќе биде посветена на политичката рамка за климата и енергијата до 2030 година. Ван Ромпуј порачува дека неговата намера е да се потрудат да ги завршат овие преговори и да се донесе релевантен дел од заклучоците.

По оваа сесија, шефовите на државите и владите на ЕУ ќе продолжат на вечера, каде што, исто така, заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, ќе разговараат за теми од надворешните односи, особено борбата против смртоносниот вирус ебола во Западна Африка.

Според претседателот на Советот, утре ќе бидат разменети мислења за тешката економска ситуација во Европа и состојбата со вработувањата, врз основа на презентацијата на претседателот на Европската комисија, Барозо и во присуство на идниот лидер на Еврокомисијата, Јункер и на претседателот на Европската централна банка, Марио Драги.

По оваа сесија, на која исто така се очекува да се донесат заклучоци, ќе се одржи и Евро-самит, каде тема е економската состојба во еврозоната врз основа на презентацијата на претседателот на Европската централна банка, при што на оваа сесија ќе биде присутен и претседателот на Еврогрупата, Жером Дајселблум.

Би можело да ве интересира

Во два региона на Уганда воведен карантин поради епидемија од ебола

Во Уганда 29 лица починаа од ебола, меѓу нив и здравствени работници

Катерина Ѓуровски

Во Уганда 16 лица заразени со ебола од почетокот на епидемијата

Ана Ололовска

Во Уганда прогласена епидемија на ебола, почина 24-годишен маж

Ана Ололовска

СЗО: Втората епидемија на ебола годинава во Демократска Република Конго прогласена за завршена

А1он

Тедрос: Гвинеја ја победи еболата, утре очекувам крај на епидемијата

Жарко Настоски