Петмина војници се убиени, а најмалку десет се ранети, откако членови на либиските исламистички милиции упаднале во седиштето на силите за безбедност на либиската Влада во Бенгази, соопшти претставник на армијата, цитиран од светските агенции.
Вооружена група рано утринава ја нападнала полициската станица во Бенгази. Армијата го одбила нападот, по што следеле жестоки борби во неколку кварта на градот.
Според извор од силите за безбедност, напаѓачите сакале да си го повратат одземениот автомобил, што бил натоварен со оружје и муниција, а им бил запленет од полицијата.
Централната власт во Либија се мачи да ги контролира вооружените групи, милиции и бригади од поранешни бунтовници, кои и помогнаа во 2011 година од власта да се собори Моамер Гадафи и сега одбиваат да се разоружаат.
Специјалните сили во вториот по големина град на Либија често пати влегуваат во судири со исламистичката група „Ансар аш Шарија“, која е на списокот на терористички организации на Вашингтон.