Папата Франциско денеска ги осуди „бруталните“ верски прогони на Блискиот исток за кои се одговорни екстремистите од Исламска држава и во традиционалната божикна порака „Урби ет орби“ (до градот и светот) луѓето ги повика да покажат сочуствување со мнозината кои страдаат ширум светот.
– Нека рамнодушноста се претвори во блискост и отфрлање на непријателствата така што сите оние кои сега страдаат да можат да ја добијат потребната хуманитарна помош, за да можат да ја преживеат суровата зима и за да можат да се вратат во своите земји и да живеат достоинствено, рече папата на италијански јазик во говорот од балконот пред неколку илјади верници на римскиот плоштад Свети Петар.
Папата повика и на воспоставување на мирот во Украина, Нигерија и другите кризни жаришта.
Тој го осуди насилството врз децата низ целиот свет, вклучувајќи ги и неодамнешниот напад на пакистанските талибанци врз военото училиште во Пешавар, во кој од 149 настрадани дури 133 беа деца.
– Навистина, овој Божик има толку многу солзи, рече поглаварот на римокатоличката црква, на кого ова му втората по ред божикна порака до верниците.
Папата повика и на мир на Блискиот исток и воспоставување на дијалогот во зоните на судири – од Украина до Нигерија, во која е активна екстремистичката организација Боко Харам.
Тој го осуди и насилството и крвопролевањето и во другите места во Африка.
Најмногу охрабрување папата упати кон жргтвите на нападите и прогонот на екстремистите од Исламска држава, кои убија или на бегство ги присилија шиитските муслимани, христијани и припадници на другите верски заедници во Сирија и Ирак.
-Го молам Спасителот на светот да ги погледне своите браќа и сестри во Ирак и Сирија, кои предолго страдаат заради судирот на кој не му се гледа крајот, и кој, заедно со оние кои припаѓаат на другите етнички и верски групи, страдаат заради бруталниот прогон, рече папата.
Папата Франциско на синоќешната миса на Бадниковата вечер верниците ги повика на поголема емпатија кон семејството и пријателите кои имаат проблеми.
Тој, исто така,додаде дека не светот му се потребни повеќе нежност и топлина.