Папата Франциско служеше денеска прва Велигденска утринска миса, откако е избран, и упати порака Urbi et Orbi (За Рим и Светот) на 60 јазици во која повика на мир во светот, решавање на кризата на Корејскиот полуостров, но и зачувување на животната средина и спречување на трговијата со луѓе.
Во пораката тој повика и на решавање на судирот меѓу Израелците и Палестинците и решавање на конфликтите во африканските држави.
Папата ја осуди алчноста и „неморалноста на експлоатацијата на природните ресурси“ и повика верниците да бидат „чувари“ на она што е создадено.
Посакувајќи мир за светот тој ја осуди себичноста која е закана за човечките животи и семејствата и која е „отелотворена во трговијата со луѓе, најраширен облик на ропство во 21 век“.
Папата зборуваше пред околу 250 илјад верници кои присуствуваа на велигденската миса.
– Мир во Азија и пред се на Корејскиот полуостров, нека недоразбирањата бидат надмминати, а обновен духот на помирување, рече новиот папа.
Тој наведе дека и верата може да ги преобрази животите на верниците.
– Колку пустини, дури и денес луѓето мора да минат, пред се пустини во нив самите кога немаат љубов кон Бога и соседот, кога не разбираме дека сме чувари на се она што Творецот ни го дал и што ни го дава, потенцира тој.